top of page
Gjorgi Jolevski as Krapp
Галебот

Последната лента на Крап

Семјуел Бекет

Автор: Семјуел Бекет

Режисер и изведба: Ѓорѓи Јолевски

За текстот

„Последната лента на Крап“ е драмски текст кој Бекет го напишал на англиски во 1958 година, инспириран од гласот на ирскиот актер Патрик Меги, кој ќе ја има привилегијата да ја одигра оваа улога на праизведбата, во октомври истата година на сцената на Театарот „Ројал корт“ во Лондон .

Доналд Дејвис, Мартин Хелд, Алберт Фини, Пјер Шабер, Рик Клачи, Љуба Тадиќ, Џон Харт, Харолд Пинтер, Роберт Вилсон, Брајан Денехи, Мајкл Гамбон се само мал дел од плејадата големи актери кои во текот на седум децении ја одиграле улогата на Крап.

Текстот со своите прецизни сценски упатства, минималистички мизансцен, претставуваат вистински предизвик за актерот. Токму во тој тесен маневарски простор, може да се откријат суптилните нијанси во презентирање на актерско мајсторство.

Овој текст, до сега не е поставен на професионална сцена во Македонија, а во Македонскиот народен театар пиеса на Бекет се појавува за првпат по три децении, кога во 1991 година била поставена пиесата „Крајот на играта“.

„Последната лента на Крап“ е претстава за еден осамен човек, изолиран од светот, кој на денот на својот 69-ти роденден ги преслушува старите магнетофонски ленти.

Една лента има посебно значење за него, онаа што се наоѓа во Кутија 3 - ролна пет! На неа е снимен тој, средовечниот Крап триесет години претходно, на неговиот 39-ти роденден. Тој сега далечен лик, се присетува на едно уште подалечно минато кога бил во неговите дваессети години, за клучни настани од неговиот живот, за изгубената љубов, за смртта на мајката, за неуспешната кариера. Неговото сеќавање е разнишано со годините и неговиот однос кон настаните е амбивалентен. Оваа претстава е прецизна студија за ентропијата, за стареењето, за комплексниот однос со технологијата, со проблемот на индивидуата да изгради цврст личен идентитет под несопирливиот тек на времето и ограничувањата со кои не соочува самиот живот.

 Во специфични услови, среде заканата од пандемијата и принудната изолација и виртуелна поврзаност, вреди да се преиспитаат повеќе аспекти кои се однесуваат на нашата релација со светот, механизмите на сеќавањето, како и нашиот сложен однос со технологијата.

Затоа, наспроти сè, следејќи ги доследно прецизните сценски упатства кои се интегрален дел од драмскиот текст на Бекет, сега и со нов превод од англиски на македонски јазик, овој театарски проект на малата сцена на Македонскиот народен театар во Скопје, во продукција, режија и актерска изведба на Ѓорѓи Јолевски, реализиран со мала но одбрана екипа на професионалци, е навистина значаен потфат.

Владимир Јанчевски,

Скопје, 25. 12 .2020 г.

Ѓорѓи Јолевски, режисер и толкувач на улогата на Крап

„Последната лента на Крап“ е напишана во периодот после Втората светска војна, после ужасот кој што ги поставува клучните човекови дилеми. До каде може да оди човечката суровост? Која е смислата на живот? Вреди ли да се живее во ваков свет? Имаме ли волја да живееме? Прашања кои се карактеристични за егзистенцијализмот на чиј правец, на некаков начин, припаѓа и Бекет. Во сите негови дела тој се бави со индивидуалецот кој тешко и неволно го прифаќа светот во кој што живее, свет мачен, тежок, бесмислен до апсурден. Времето не проаѓа и тоа го фрла во очај, мракот и темнината му стануваат пријатели каде што се чувствува најудобно, во постојана дилема дали да продолжи да живее или не. Во ликовите на Бекет можете да ги препознаете и  Раскољников  на Достоевски, Хамлет на Шекспир, Јозеф К. на Кафка... Ликови кои ги имаат сличните, ако не и истите, дилеми како и Крап на Бекет.

Од друга страна, пак, самата приказна на драмата, која што напишана во фрагментарна драматургија, далеку пред постмодерната, е многу топла, љубовна приказна за еден осамен старец, наглув, полуслеп и во фаза на деменција, кој е во постојан дијалог со самиот себе, преку магнетофонските ленти кои се сведоштво за неговото постоење. Потребата да почувствува, да се сети на љубовта и љубената, да ја најде смислата на неговото постоење, запишана е како аудио запис на „Кутија 3, Ролна 5“. Таму е неговиот живот, таму е неговата љубов, таму е сето, додека тој живее во ништото.

Драмата е напишана како музичко дело, нотен запис. Како симфонија. Едноставно не може да се скрати ниту еден збор, ни да се додаде се разбира. Не смее да се прескокне ниту една пауза, ниту пак да се дејствува спротивно од неговите сугестии бидејќи тоа веќе не е тоа дело, тоа не е Бекет. Убавината и радоста, но и тешкотијата во овој процес беше одгатнувањето на загатките кои авторот ги поставува низ делото. Откривање на скриените пространства кои се невидливи. Бекет не нуди решенија, туку дејствува преку недореченостите и ве наведува на патеки за који не сте ни сонувале дека постојат. Исто како и со стиховите на Шекспир. Колку е рамката потесна за дејствување толку е поголема слободата на креирање, бидејќи сте сигурни во трасираниот пат. Овие два и пол месеци беше уживање да се талка по мракот постојано имајќи ја светлината како водилка.

Појавата на пандемијата од една страна ја запре подготовката на почетокот на планираната реализација на претставата, но од друга страна се покажа како предвидување бидејќи Крап, главниот протагонист, е човек кој е во самоизолација 40 години, одбивајќи да живее во светот таков каков што е: „Сè што е таму, сè на овој посран свет...нека се носи!“.

Награди и признанија:

Grand Prix - International Monodrama Festival-Bitola 2021

Award for Best Director - International Monodrama Festival-Bitola 2021

Фестивали и гостувања:

26.06.2021 - International Monodrama Festival Bitola, North Macedonia

21.11.2021 - International Theatre Festival MOT Skopje, North Macedonia

27.05.2022 - 30. days of St. Cyril and Methodius Kranj, Slovenia

29.05.2022 - International Monodrama Festival "Gavran Fest" Zagreb, Croatia

24.06.2022 - Skopje Summer Festival 2022, Skopje, North Macedonia

Идни фестивали и гостувања:

20.09.2022 - International Festival of Antique Drama Stobi Veles, North Macedonia 

14.10.2022 - Bečejski Festival Monodrame, Serbia

За Семјуел Бекет

Семјуел Бекет (1906-1989) е несомнено еден од најзначајните писатели на 20 век. Иако многу рано покажува сериозен авторски пристап, со светска слава се стекнува дури во 1953 година, по праизведбата на култната драма „Чекајќи го Годо“ во малиот париски театар „Вавилон“. Романот „Неименливото“ последниот од неговата прва трилогија, многумина го сметаат за најрадикален роман на епохата, парадигма на доцната модерна. Бекет е добитник на Нобеловата награда за литература во 1969 година, но можеби едно од најголемите признанија за неговото дело е големиот углед кој го ужива и почитта која му се укажува од критиката, но и од големи имиња во литературата како Куци, Пинтер, Остер, Бернхард и многу други, како филозофите Адорно, Дерида, Делез, Бадју, Жижек.

bottom of page