
Нема да биде крај на светот
Уште кога се изговара првата реплика на малата сцена, обликувана во сценски простор што треба да претставува и да наликува на т.н. дом, за сите животни потреби, но со универзална функционалност, текстот на младиот автор Аднан Лугониќ, потполно ве обзема и без никакви додатни ефекти, сосема разголено и потполно суштински, ве води низ ликовите на едно семејство — на таткото и двете сестри, а притоа атмосферата, градена од страна на младата режисерка Нина Николиќ, ја содржи автентичната животна тензија, како и големата тајна, кои се пропратен дел на реалните животни ситуации, а во современиот театарски реализам не така често можат да ве изненадат и вешто да ве водат низ лавиринтот наречен — живот.
Станува збор за животот на сцената, оној семејниот, зашто самиот живот, очигледно пишува претстави и тоа е оваа претстава, која како да е со невидливи ножици исечена од животот и пренесена на сцена. На оној живот што можеби и најмногу боли, на семејниот, кој можеби нас, како гледачи нѐ потсетува на семејните вредности и мани на кои сме заборавиле или сме ги потиснале, заради општествено-социјалните околности. Затоа театарот е тука и да нѐ потсети.
И така, обидувајќи се да си ги пресечеме сопствените корени како луѓе, без кои, за жал, очигледно не можеме здраво да опстанеме во општествените околности ниту, пак, да преживееме како успешни и перспективни личности во нив, гледаме на сцената како очајно или на трагикомичен начин сите ликови од ова семејство се обидуваат да ги состават раскршените стакленца од нивното распаднато и дисфункционално семејство, а се поврзани со животните циклуси, со траумите од минатото, со физичките предности и недостатоци на секоја животна доба.
Драмските конфликтни ситуации, каде што сите три лика се судруваат со различни индивидуални трауми, се решени на софистициран и модерен начин и без претеран тон на агресивна емоција, која е чест сопатник во конфликтните ситуации во многу современи театарски претстави, така што самите ликови се претопуваат во типови, кои ја играат и пораката, а тоа е дека сепак секој мора да живее во сегашноста, без разлика дали тоа го прави успешно или не.
Ликот на таткото (Саша Ханџиќ) како корен на ова семејство, кој е типичен пример на една лимитирана личност во однос на психофизичката состојба, која е зависна од негата на другите, потоа ликот на Маша (Дарја Ризова) со наследените семејни одговорности за таткото и индивидуалните соништа за иднината, како и ликот на сестра ѝ Нина (Џенана Џаниќ), која е типичен пример дека секој има право на сопствен живот, но и одговорноста за истиот, сите овие ликови, на својствен и автентичен начин — како спротивставени ликови, ги бранат своите животни тези, и одлично ги водат своите линии, резонираат едни со други, без да влезат во туѓата територија на ликот на партнерот. Очигледно се работи за умешно направен кастинг и воден од страна на режисерот.
Сето тоа е спакувано во реалистични и звучни слики од страна на режисерот, но минималистично, каде што умешно ја води т.н. домашна атмосфера, со звучен фон, како и со типична болна и семејна слика (реалистична) каде што сите се собираат во обид да бидат заедно, да создадат една нереална бајковитост.
Ваквото читање на текстот овозможува да се фокусирате, на авторот и на актерската игра, без да изнудува некаква емоција од вас, зашто таа сама по себе е доволно силна од самиот автор, а искрено преживеана и правилно пренесена од целата екипа на претставата.
Звездана Ангеловска
Првенка на РСМ Македонски народен театар - Скопје

Режисер:
Нина Николиќ
Автор:
Аднан Лугониќ
Костимограф:
Ивана Каранфиловска-Угуровска
Сценограф:
Ангел Петровски
Музика:
Оливер Митковски (музичка адаптација);
Димитар Масевски (композиција „Магдалена“)
Соработник за македонски јазик:
Ѓорѓи Јолевски
Улоги:
Маша - Дарја Ризова
Таткото - Саша Ханџиќ
Нина - Џана Џаниќ
Инспициент:
Вукица Александрова
Фотограф:
Дени Ингилизовски
Дизајнер на плакатот и каталогот:
Димитар Димитров
Премиера септември 2021 Сараевски ратни театар САРТР
Премиера ноември 2021 Македонски народен театар Скопје
Времетраење: 70 мин без пауза
Тури и фестивали
27.11.2021 - Меѓународен театарски фестивал МОТ Скопје, Северна Македонија
25.10.2021 - Меѓународен театарски фестивал „ЖивиФест“, Живинице, Босна и Херцеговина
15.03.2022 - Меѓународен театарски фестивал за балкански земји во Бурса „Балкански бриз“, Бурса, Турција
02.06.2022 - Меѓународен фестивал на актерот Коњиќ, Босна и Херцеговина
04.06.2022 - Фестивал на босанската драма и авторски театар Зеница, Босна и Херцеговина
06.06.2022 - Брчко, Босна и Херцеговина
22.06.2022 - Фестивал Скопско лето 2022 година, Скопје, Северна Македонија
12.09.2022 - Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“
Идни тури и фестивали
24.10.2022 - Сусрети казалишта/позоришта БиХ Брчко округ, Брчко








